МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР
Младинскиот културен центар е основан 1972 година (се до 1991 година го носи името Дом на Младите „25 Мај“), и е првенствено замислен како културен центар наменет на младите, како простор за нивно поддржување и промовирање.
Така од сцените на Младинскиот културен центар произлегле значајни имиња и манифестации кои денес се водечки репрезенти на културните вредности не само во нашата држава, туку и надвор од неа.
По примерите од минатото, преку една политика на отвореност и нудење на своите професионални, технички и просторни капацитети, мисијата на Младинскиот културен центар е повторното негово враќање како главен носител на културните активности на младите во нашиот град, а со тоа и повторно враќање на публиката во просторите на овој центар.

Со подршка на програмите креирани од младите - за младите, секогаш свежи и поинакви, но и професионално подржани од сопствените кадровски потенцијали, Младинскиот културен центар ќе се стреми кон ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА ПУБЛИКАТА како примарна стратешка цел кон релизирањето на мисијата на центарот. Младинскиот културен центар претставува специфична институција од овој вид, и во себе ги содржи скоро сите сфери од културата и уметноста. Програмско-организациската структура на центарот е поделен во повеќе сектори, и тоа:
1. сектор за драмска програма
2. сектор за филмска програма
3. сектор за литературна програма
4. сектор за ликовно-галериска програма
5. сектор за музичка програма
6. Детски креативен центар
7. Планетариум (астрономска програма)
Овие, но и сите останати мултимедијални програмски содржини (заедничко програмско делување на два и повеќе сектори) овозможуваат основа за реализација на голем број на програми:
1. промоција на млади музички групи,
2. организирање на концерти на актуелни домашни и странски изведувачи;
3. поттикнување и презентирање на ликовните уметници и автори на мултимедијални проекти;
4. издавање и промовирање на дела од млади писатели;
5. презентирање на проекти и автори надвор од границите на нашата земја;
6. организирање на регионални и меѓународни фестивали, работилници, соработки и размени;
7. организирање на едукативни курсеви и семинари, реализирање на научно-истражувачки активности,
како и промовирање и подржување на сите останати проекти кои се од значење за културата на младите во нашиот град.